Десет топ ракометари кои ќе недостигаат на Европското првенство

На Европското првенство ќе блеснат многу нови ѕвезди меѓу ракометарите, но дефинитивно ќе недостигаат неколку играчи коишто оставија свој голем белег во ракометот во минатите години.

300x250

Меѓу овие играчи се и неколку од актуелниот освојувач во Лигата на шампионите, Вардар, па затоа е интересно да се види кои се десетте топ ракометари коишто нема да ги гледаме на овој шампионат.

Без овие играчи првенството е дефинитивно осиромашено бидејќи секој од нив ќе покажеше многу на теренот.

Ласло Наѓ (Унгарија)

Еден од најдобрите десни бекови на сите времиња, Ласло Наѓ се повлече од играњето во репрезентацијата, па на тој начин ова првенство остана осиромашено за еден одличен играч. Тој го направи тоа пред кратко време така што ги остави своите соиграчи без неговата помош, а воедно и неговите фанови.

Наѓ е еден од играчите коишто ја носеа играта на Унгарија и кои играат и во двата правци. Ласло беше еден од најдобрите одбранбени играчи, но и одличен во нападот.

Тиери Омејер (Франција)

Голманот на ПСЖ е на залезот од кариерата, а се наоѓа меѓу резервите кај Динар. Омејер конечно доби добри наследници во таборот на Франција во Жерар и Думолин, но дефинитивно ќе недостига на теренот.

Триколорите редовно беа носени од него и тој беше клучот во играта на Франција така што ќе недостига. Сепак, има шанса доколку е потребно да долета до Загреб и да се приклучи во втората фаза.

Арпад Штербик (Шпанија)

Голманот на Вардар има неверојатна сезона. Брани како во своите најдобри денови, а можеби ова е и неговата најдобра сезона во кариерата. Тој е на списокот на селекторот на Шпанија, но не се најде во потесниот избор.

Штербик остана само резерва, но веќе е во тренажен процес за вториот дел од сезоната со тимот, што секако е знак дека би можел да помогне ако биде потребно. Во секој случај, Шпанија со него ќе беше далеку посилна бидејќи тој и Перез де Варгас ќе беа неверојатен тандем.

Јуре Доленец (Словенија)

Десниот бек на Барселона успеа да ги испровоцира македонските фанови со изјавата дека секогаш успевале да ја победат Македонија и дека така ќе биде и на ова првенство. Сепак, иако беше упорен не успеа да се подготви.

Доленец ќе му недостига на Вујовиќ за игра во двата правци со оглед на тоа што тој играше еднакво добро и во напад и во одбрана и му оставаше простор за различни комбинации.

Матеј Габер (Словенија)

Клучниот играч во одбраната на Словенија, Матеј Габер се повреди на стартот од подготовките за ова ЕП. Тој мораше на операција, па Словенија остана без столбот на линијата од шест метри во одбраната, но и без првиот избор за пивот во нападот.

Без Габер, Словенија нема доволно ширина и во нападот и во одбраната така што дефинитивно ќе му недостига на Вујовиќ. Иако има замена, сепак, не се работи за адекватно надоместување на минусот кој настана со повредата на пивотот.

Тимур Дибиров (Русија)

Капитенот на селекцијата на Русија, Тимур Дибиров не е на ова првенство поради тоа што не успеа да обезбеди пласман на шампионатот. Неговата репрезентација не ги мина квалификациите, па оттаму ќе недостига на ова првенство.

Русија недостига и комплетно како репрезентација бидејќи со неа на ова ЕП ќе беше далеку поинтересно и повозбудливо. Секако, еден од најдобрите играчи на Вардар ќе беше меѓу најдобрите леви крила на ова ЕП.

Вуко Борозан (Црна Гора)

Повредениот лев бек на Црна Гора, Вуко Борозан крена многу прав. Тој пред почетокот на подготовките имаше сообраќајна несреќа и затоа не можеше да ги одработи подготовките. Докторите не му дозволија да настапи на овој шампионат, а од сите страни има напади дека биле вршени големи притисоци кон него.

Дури вчера се појави и вест дека немал сообраќајна несреќа и дека намерно одбегнува да игра на шампионатот.

Лудовик Фабрегас (Франција)

Еден од ракометарите кои се важен дел во одбраната на Франција. Тој требаше да биде од оние играчи кои ќе бидат столб пред голманите, но поради здравствени проблеми не успеа да добие дозвола за настап.

Тој е надвор од терените веќе некое време и прашање е кога ќе добие дозвола за да се врати назад и да продолжи да игра.

Илија Абутовиќ (Србија)

Еден од најдобрите дефанзивци во Европа, Илија Абутовиќ се заблагодари на поканата на Јовица Цветковиќ и од приватни причини одби да игра за Србија на Европското првенство.

Тој не се ни појави на подготовките, а неговото отстуство беше забележително на контролните средби кога беше голем минус во одбраната.

Виктор Томас (Шпанија)

Капитенот на Барселона остана во втор план кај селекторот на Шпанија. Тој не го повика и им даде шанса на други ракометари.

Без Томас дефинитивно позицијата десно крило ќе биде ослабена така што нема да биде воопшто лесно да се одигра на оваа страна иако и оние ракометари коишто добија шанса ќе бидат на потребното ниво.

Сепак, искуството на Томас ќе беше навистина од голема корист на овој турнир.