Денот кога Кометал замина меѓу легендите: „Како је добро видети те опет…“ (ВИДЕО)

Пионерската визија на Трифун Костовски, еден од најголемите ракометни мецени во историјата на македонскиот спорт, кулминираше точно пред 16 години кога тогаш силниот Кометал Ѓорче Петров по втор пат преку финален дуел се обидуваше да го достигне врвот на ракометна Европа.

300x250

Беше топол мајски ден, редиците пред спортската сала Кале започнаа да се зголемуваат уште во 15 часот. Трпеливите ракометни сладокусци и оние среќници кои дојдоа до билет, чекаа мирно четири часа за да можат да „фатат“ подобро место, да можат да бидат поблиску до трофејот во Лигата на шампионките. Со позитивен резултат Кометал се врати од Унгарија, пораз од два гола разлика беше најава за спектакл во реваншот. Управата внимателна во своите изјави, два гола се малку, но и многу, надежта умира последна…

Во главите на ракометните експерти провејуваше една мисла, може ли Кометал да се врати по спектакуларното полуфинале. Ларвик ги изненади македонските првенки со седум голови предност по првиот дуел, но разликата се заборави по почетните десет минути во неосвоивата тврдина “Кале“.

Почеток на натпреварот, адреналинот на највисоко ниво, атмосферата заглушувачка, а ракометарките инспирирани, чиниш нема шанси да загубат. Индира Кастратовиќ веќе на залезот на кариерата, блескаше на терен, на спротивната страна „словенечката“ помош Луминица Дину беше нерешлива загатка за противничките ракометарки, ниту тоа не е доволно за победа, разликата постојано околу опасната зона од два гола, разлика меѓу шампионот и заборав.

Останатото е историја, шраубата на Кастратовиќ, бомбата на Бујанова, контранападот на Ферзалиева за шест разлика, одбраните на Дину, Кастратовиќ ја носи победата и цепелин за крај! Кометал замина во легендите, но засекогаш ќе остане бесмртен, првиот македонски спортски колектив кој го достигнал врвот на Европа.

Неофицијалната химна на кометалки, „Стара времена“, започна да ечи во преполниот СРЦ „Кале“, продолжија стиховите на „Македонско девојче“, а по цепелинот на Будимир веќе ништо не беше важно, еуфорјата започна…