Деновите на лепакот се одбројани: Хасан Мустафа најави самолеплива топка на следното СП

Мундијалот кој во јануари во 2019 година ќе се одржи во Германија и во Данска ќе биде првиот шампионат на кој на ракометарите ќе им биде забрането користење на лепак, а натпреварите ќе се играат со топка која што ќе биде самолеплива и тоа ќе биде новитет во ракометот.

Вакви најави има веќе извесно време, но сега е потврдено и од страна на претседателот на ИХФ, Хасан Мустафа кој вели дека е време да се проба новата топка.

„Ќе направиме тестови на топката со младите, а потоа доколку сè биде како што планираме ќе може да се уфрли и на главните натпревари. Има  многу проблеми за имиџот во моментов бидејќи со користењето на лепакот топката е непрепознатлива за само неколку минути. Станува црна, а тоа не е добро за имиџот. Затоа ќе мораме да пробаме нешто ново, а веќе направивме состанок со партнерите од Јапонија и очекуваме нова топка која што нема да има потреба од користење на лепак“, вели првиот човек на светскиот ракомет, Хасан Мустафа.

Топките треба да ги изработи јапонската компанија „Молтен“ која е официјален партнер на ИХФ, а дали резултатите ќе бидат очекувани ќе се види на теренот. Сепак, во моментов сè води кон тоа повеќе да нема користење на смола или лепак како што се нарекува кај ракометарите. Практично деновите се веќе одброени за неговото користење.