Дембеле: Мора да покажеме дека играме сè подобро!

Сабота, 17:30 минути ќе го означи почетокот на последниот официјален натпревар на ЖРК Вардар за оваа година. Спортскиот центар „Јане Сандански“ ќе биде домаќин на шестиот натпревар од Лигата на шампионките, дуелот меѓу ЖРК Вардар и австриски Хипо.

300x250

Името веројатно е едно од најголемите во женскиот ракометен свет, но нивото на австрискиот шампион по заминување на легендарниот претседател Гунар Прокоп е во вртоглав пад, затоа и очекувањата од овој натпревар се насочени кон гол разликата со која Хипо ќе ја заврши Лигата на шампионките.

Од друга страна, Вардар веќе се пласираше во втората фаза во која ќе пренесе четири бодови, затоа натпреварот со Хипо е формалност и можност за докажување на оние помалку искусните ракометарки во тимот на Индира Кастратовиќ и Јан Питлик. Пред натпреварот на редовното обраќање пред новинарите, председателката на Вардар, Гордана Нацева, заедно со тренерот Индира Кастратовиќ и француската интернационалка Сираба Дембеле го дадоа своето видување на последниот официјален меч за оваа година.

Сираба Дембеле, ракометарка на ЖРК Вардар:

Мораме да победиме на овој меч, но истотака мораме да покажеме и добар ракомет, за да докажеме дека играме сè подобро пред да им се препуштиме на нашите репрезетнативни обврски и да заминеме во позитивна атмосфера.

Гордана Нацева, претседател на ЖРК Вардар:

Нормално дека овој дуел буди спомени од едно друго време, но сега е порелаксирана атмосферата, затоа очекувам сигурни два бода, за да го заокружиме овој дел од сезоната со победа. Задоволни сме што пренесуваме четири бодови, можевме повеќе, но тоа е тема на анализа. Време е да ги консолидираме впечатоците и да се подготвиме што подобро за следната фаза.

Индира Кастратовиќ, тренер на ЖРК Вардар:

Ниту еден натпревар не може да биде релаксиран. Особено вакви натпревари кои можат да бидат потешки и од оние со силните противници, поради психолошкиот момент. Ќе го искористиме натпреварот да ги сработиме сите оние работи за кои немавме време до сега. Натпреварот во сабота ќе биде добар за сите девојки кои имаа помала минутажа на претходните натпревари и се надевам дека тие ќе ја искористат шансата најдобро што можат.