Деби од соништата за Милосављев: Не можевме да замислиме поубав старт на сезоната

Херојот на победата на Вардар на првиот натпревар во Лигата на шампионите против актуелниот првак Монпелје, Дејан Милосављев останува во центарот на вниманието особено после неговите интервенции со кои ги излуде противничките ракометари.

Милосављев имаше 15 одбрани од игра и 1 седмерец и во многу помогна на својот тим за победата. На моменти буквално го затвори својот гол. Особено остана забележана тројната одбрана кога ги замолкна сите во салата.

– Вардар ве ангажираше на местото на Арпад Штербик. Дали тоа беше дополнителен притисок за Вас пред почетокот на сезоната?

„Среќен сум што сезонава го носам дресот на Вардар и што играм во клуб каде настапуваше така големо име на ракометот. Добро за мене е што добив поддршка од сите во тимот, како и од тренерот на голманите, Дејан Периќ. Ова ме тера да се чувствувам добро и не чувствувам никаков притисок во моментов. Верувам дека овој одличен почеток ветува многу подобри натпревари во продолжение на сезоната“.

– Имавт голема премиера во Лигата на шампионите против актуелните шампиони?

„Не ни можевме да замислиме подобар старт на сезоната во Лигата на шампионите. Многу сум среќен што победивме против шампионот и што успеав да дадам голем придонес во победата над актуелниот освојувач на Лигата“.

– Каков совет добивте од тренерот пред одигрувањето на средбата во Монпелје?

„Добив совет од тренер на голманите Дејан Периќ да го направам она што го знам најдобро и во кое верувам. Да го спроведам на терен она што го имам подготвено и дека тоа ќе заврши добро на крајот од средбата“.

– Тројната одбрана остави голем впечаток на средбата. Беше ли тоа најважната на овој дуел против шампионите?

„За мене најважните одбрани на натпреварот беа тие од последните десет минути. Сепак, исто така мислам дека тројната одбрана беше многу добра бидејќи чувстував дека тоа ќе им даде доверба на колегите дека можам да им помогнам на овој натпревар“.