Дебело го платија, евтино го дадоа: Еурофарм Работник го раскина договорот Дрогришки!

Стефан Дрогришки не е повеќе член на Еурофарм Работник! Оваа информација ја објави битолскиот клуб на својот веб-сајт, а тоа е само потврда на она што се зборува низ кулоарите веќе неколку месеци по стартот на сезоната.

Средниот бек доби шанса за настап на Струшкиот турнир, а потоа српскиот стратег Ѓорѓе Чирковиќ не го ставаше во ростерот ниту меѓу 16-те ракометари и секогаш беше надвор од тимот. Можен е камбек на Дрогришки во неговиот матичен клуб Пелистер, но двете страни се уште се далеку од договор.

Дрогришки од Пелистер своевремено дојде во Металург по барање на Червар, но како одминуваше времето така добиваше помала минутажа и мораше одново во Битола. Еурофарм му плати на Металург 10.000 евра на име оштета.

Во времето на Андон Бошковски и Илија Темелковски имаше солидна минутажа и прикажуваше добри партии, но со доаѓањето на Чирковиќ тоа се промени, па Еурофарм Работник без него ќе брка пласман во групната фаза од ЕХФ Купот.