Двоецот на Вардар Гонзалес-Камара ќе селекторува со Бразил?

Бразилската ракометна конфедерација преку својот претседател ги соопшти потенцијалните кандиндати за селектор на женскиот сениорски колектив, а во потесниот круг се најдоа две познати имиња на македонската јавност. Актуелниот тренер на ЖРК Вардар и помошник тренер во РК Вардар, Давид Дејвис Камара и поранешниот консултант, двојниот олимписки победник Јан Питлик се меѓу тројцата најсериозни кандидати за фотељата на бразилскиот национален тим.

Но освен во женскиот колектив промени се очекуваат и кај машката сениорска репрезентација, која на СП во Франција се пласираше во осминафиналето. Раководството на конфедерацијата има желба да доведе признат странски експерт на местото на Вашингтон Њунез, за младиот бразилски тим да може да созрее во вистинска ракометна велесила, а токму главниот тренер на РК Вардар, Раул Гонзалес е на радарот на бразилската ракометна конфедерација.

„Имаме неколку тренери во опција и блиску сме да го решиме тоа прашање. Нашиот женски тим е „ферари“. Машкиот беше втор најмлад на последниот Мундијал, и тоа е тим што има уште многу да учи и да расте.“ – изјави претседателот Оливеира.

Преговорите не се во напредна фаза како кај девојките, но федерацијата веќе разгледува неколку потенцијални кандидати. Така во конкуренција за селектор на Бразил се споменуваат Антонио Карлос Ортега, во моментов тренер на Колдинг, Швеѓанецот Магнус Андерсон, тренерот на македонскиот првак Вардар Раул Гонзалес, Маноло Каденас поранешен тренер на Висла и селектор на Шпанија, како и Хота Гонзалез од Ла Риоха.

До евентуалниот избор и промена на сегашниот селектор, кој долги години работеше како помошник на легендарниот Жорди Рибера, Бразилската конфедерација работи на обезбедувањето на финансии, кои директно ќе го диктираат изборот за наследник на Њунез.

Така по игра на случајноста постои шанса на кормилото на машката и женската репрезентација на Бразил да седне двоецот Раул Гоназалес и Давид Дејвис Камара од ракометниот клуб Вардар, преседан за историја на овој спорт.

Првиот собир на машката репрезентација е во средината на март, а до тогаш работите околу евентуалниот ангажман на странец-селектор во Бразил ќе бидат многу појасни.