Двоен предизвик за Јоновски: Тој е главниот дефанзивец, но и новиот тренер на Ратинген

Екипата на Ратинген во која настапува македонска тројка има промени на тренерската позиција и во иднина ќе биде водена од стратег од Македонија. Практично тоа ќе биде двојна улога бидејќи Ацо Јоновски во иднина ќе биде и играч и тренер.

Јоновски е играч кој е ценет максимално во тимот на Ратинген и раководството верува во него и уште во текот на есенскиот дел му даде можност да биде помошник, а сега добива уште поголема улога во екипата.

Главниот дефанзивец кој се очекуваше да биде дел и од репрезентацијата на Македонија на Мундијалот ќе има задача да ја внесе екипата ранг повисоко, а според игрите кои ги покажуваа во досегашниот дел од сезоната тоа може да се очекува. Тој доби и договор до 2022 година, кој не е врзан со активното играње. Договорот се однесува и како играч и како тренер така што има сигурност и ќе може да се посвети на работата во клубот.

Јоновски дојде во Ратинген во 2017 година од редовите на Бергишер и тоа директно од Бундес лигата во четвратата по квалитет лига во Германија.

„Ацо има лиценца за тренер и големо меѓународно искуство зад себе. Играл во неколку различни лиги, има 150 настапи за Македоија. Тоа искуство сигурно ќе му значи многу како тренер и ние веруваме во него“, вели директорот Бастијан Шлиркамп.

Веќе е познато дека на Јоновски ќе му помага Марсел Милер. Се работи за еден од играчите кои се најдолго во клубот, но има повреда на лигаменти и нема да може сезонава да игра. Покрај тоа ќе ги има и Оли Шмит (тренер на голмани) и Рене Остервинд (кондициски тренер).

„Јас сум борец и ги сакам предизвиците. Возбуден сум од добивањето на довербата и новата улога. Мислам дека сите знаеме која е нашата цел и мојата искрена желба е следната сезона да играме во 3. Бундес лига . Во моментов тоа можеби изгледа малку тешко, но има мотиви и желба да успееме во тоа“, изјавува Јоновски за клупскиот сајт.

Првиот тест на новиот тренер тандем Јоновски/Милер беше успешен. Во финале на турнир успеаја да го совладаат ТВ Ангермунд и на тој начин покажаа дека ќе имаат добро продолжение на сезоната.