Двете ракометни легенди најавуваат спектакуларна сабота во Лигата на шампионите (ФОТО)

Новата рунда од Лигата на шампионите во средата ја отворија Рајн Некар и Монпелје, а сабота е резервирана за највозбудливите натпревари од елитното натпреварување. Двата ракометни гиганта ПСЖ и Кил ќе одиграат уште еден натпревар, по оној во Германија кој го доби францускиот шампион со 26-30, Париз ќе биде домаќин на уште еден ракометен спектакл, а натпреварот започнува од 20:45.

Можеби финансиски не чинат колку ракометните величини од Франција или германскиот шампион Кил, но најинтересниот дуел  оваа сабота ќе го одиграат ППД Загреб и Фленсбург. По фантастичната игра која ППД Загреб предводен од Веселин Вујовиќ ја прикажа во Фленсбург, составот на Љубомир Врањеш со доза претпазливост пристигна во Хрватска каде ќе се обиде да го одбрани минималното водство од 28-27. Во Арена Загреб оваа сезона потклекнаа Кил и Висла Плоцк, домаќините имаат одлична историја на резултати изминативе две години откако Веселин Вујовиќ го превзема кормилото на хрватскиот шампион, а на освојувачот на Лигата на шампиони му се потребни бодови за да може да одржи чекорот со првопласираниот ПСЖ во групата А.

Од Загреб Арена единствен непоразен замина составот на Веспрем, а од друга страна екипата на Вујовиќ во последните две кола забележа два порази во Истанбул и Фленсбург. Составот на Љубомир Врањеш игра одлична сезона во која забележа само два порази на гостувањата во Веспрем и Кил. Недоататок за Загреб секако ќе биде отсуството на најдобриот поединец Степанчиќ, но кочективот е тој кој добива или губи натпревар…
Вовед во уште еден атрактивен и возбудлив дуел на две искусни ракометни легенди. Натпреварот во Загреб Арена започнува со почеток во 19:00.

Подеднакво интересен ќе биде дуелот меѓу словенечкиот шампион Целје и Веспрем. Младиот состав на Бранко Тамше го игра најубавиот ракомет, но недостаток на искуство и квалитетни индивидуалци се причина за шестте порази оваа сезона. Единствена екипа која го надигра составот на Целје оваа сезона е тимот на Фленсбург, а во останатите дуели на Словенците им недостасуваше сила за последните минути кога и ги губеа натпреварите.

По почетниот нерешен резултат со екипата на Орлен Висла Плоцк, во првото коло, Веспрем со привремениот тренер Сабате забележа само еден пораз, во Париз со резултат 29-27 во корист на ПСЖ. Минатата недела Веспрем го совлада Целје со резултат 27-30, а оваа сабота во 16:00 го пречекува на домашен терен во Унгарија.

Во Б-дивизијата на ракометната Лига на шампиони, ќе се одиграат два натпревари со екипи кои припаѓаат на слични ракометни школи. Во Порто, португалскиот шампион ќе го пречека шпанскиот состав Натурхаус Ла Риоха, со почеток од 21:00. Мотор Запорожје ќе ги вкрсти копјата со Баја Мара во Украина, а дуелот на две екипи кои се натпреваруваат во СЕХА лигата ќе се одигра во Белорусија.

Брест Мешков го пречекува словачкиот првак Татран Прешов со почеток во 18:00. Дуелот на СЕХА противниците ќе значи нов меч во елитното натпреварување откако во второто коло во Словачка, Мешков беше подобар за 10 голови. Во овој дуел домаќинот е огромен фаворит и сигурно нема да испушти можност со нови бодови да се приближи до првопласираната екипа во група Ц.

Освен дуелите во машката Лига на шампионите, викендов се натпреваруваат и шампионките. Иако веќе одамна се познати патниците во следната фаза од елитното натпреварување, борбата за бодови во Данска ќе биде меч од интерес за македонскиот шампион. Митјиланд го пречекува Ѓер во борба за бодови кои ќе ги пренесат во следната фаза. За македонаките љубители на ракометот интересен ќе биде дуел меѓу Вардар и аутсајдерот Хипо, кој е на програмата од 17:30.