Два црвени картони и 18 исклучувања: Металург 2 и Тиквеш го поделија пленот

Во четвртото коло од Првата ракометна лига, група 1, во Автокоманда се сретнаа екипите на Металург 2 и на ГРК Тиквеш. Се играше тензичен натпревар во кој беа досудени дури 36 минути исклучувања и два црвени картони, по еден на двете страни.

Вистински ракометен раритет имаше во 10. минута, кога  поради груб фаул, а потоа и поради колективен протест и навреди кон судиите, беа исклучени дури четворица ракометари на Тиквеш. Кавадарчани одиграа две минути со двајца ракометари на терен, против шестмина играчи на Металург 2, но – не примија ниту еден гол.

Во тој период се истакна голманот на Тиквеш – Димитров, кој одбрани три удари, како и уште седум само во првото полувреме, а средбата ја заврши со 16 одбрани. Металург 2, не го издржа притисокот и на одмор замина со негатива од пет гола, 10:15.

Второто полувреме почна со добра реализација на Металург 2, кој, иако имаше две исклучувања, многу брзо успеа да дојде на разлика од само еден гол, 17:18 и 18:19. Но потоа домашниот тим влезе во серија на грешки, а тоа го искористи Тиквеш и се врати на максималните +5, 19:24.

Следуваа неколку израмнети минути, а потоа Металург 2 повторно влезе во серија и во 54. минута  го израмни резултатот, 25:25, а во следната минута и поведе, со 26:25. Се до крајот екипите се менуваа во водството. На 20 секунди до крајот Тиквеш поведе со 28:29, но Металург 2 имаше доволно време да израмни.

Најдобри стрелци кај домашниот тим беа Ристовски и Додиќ со по седум голови, додека кај Тиквеш се истакна Пеовски со осум погодоци.

Фото: rkmetalurg.mk