Два црвени картони во Чаир – Металург во вториот дел го скрши отпорот на домаќинот

Актуелниот шампион Металург ја продолжи серијата без пораз во Женската лига, откако славеше и на гостувањето во Чаир, каде што досега ниеден тим не успеа да победи.

Избраничките на Јулијана Дамчевска во вториот дел го скршија отпорот на домашниот тим, кој успеа да се одржи на реми по првиот дел, 12-12. Чаир беше ослабен во второто полувреме, откако поради три исклучувања уште во 23 минута, црвен картон доби Шадие Реџеп.

Во вториот дел, по 13-13, Металург направи серија од шест погодоци и успеа да ја одржи до самиот крај за конечни 24-30. Чаир остана и без Бајра Бакиќ, која доби трето исклучување во 48. минута, па му беше уште потешко да брка резултат.

Најдобра кај домашниот тим беше Анастасија Николовска со десет погодоци, додека кај Металург се истакнаа Теодора Гулицоска со 11 и Марија Гугуљанова со пет голови.