Двајца повредени во Металург после дербито – неизвесни се за дуелот со Мешков (ФОТО)

Средбата меѓу Вардар и Металург не беше најдобра за двајца ракометари на тимот од Автокоманда. Проблемите тргнаа уште на стартот од сезоната, па голема е веројатноста на гостувањето кај Мешков Брест, Данило Брестовац да не може да смета на сите ракометари.

Уште во првото полувреме се повреди десниот бек, Мартин Велковски. Тој лошо нагази и имаше извиткување на зглобот, па мораше рано да го напушти теренот. Повредата не дојде при дуел игра, но останува деталните прегледи да покажат за колку сериозна повреда се работи и колку ќе биде потребно да паузира.

Во вториот дел од средбата повреда заработи и левото крило Димитар Димитриоски, кој при шут имаше контакт со Скубе. После скокот имаше лошо приземјување и настрада коленото на десната нога, па и тој е во неизвесност и чека информација од докторите за колку сериозна повреда се работи.

Дефинитивно за Металург стартот на сезоната не беше најдобар и тренерот се соочува со проблеми уште од првиот меч.