Двапати „7 на 6“, исцрпувачка вечер, но без посакуван епилог

Прв натпревар против една од европските селекции и прв пораз на македонската репрезентација на Светското првенство во Германија. Во натпревар против Хрватска, македонската репрезентација беше во подредената улога цели педесетина минути без сериозна шанса да направи резултатски пресврт после воведните 4:4.

Во тактички исцрпувачки натпревар, без голем интезитет на игра, победата и бодовите му припадна на вечерва поквалитетниот и поподготвен тим. Можеби поради покусата клупа како и неискуството на ракометарите кои се како дебитанти донесени на овој шампионат, селекторот Гонзалес се има одлучено натпреварот да го почне и заврши со игра 7 на 6 кога е во прашање позицион напад. Од истата причина е и мал бројот на играчи во ротација коишто можат да го носат товарот на игра против репрезентациите од светскиот врв.

Во периодот на игра кога имаше резултатска изедначеност, во 14. минута од натпреварот и селекторот на хрватската репрезентација се одлучи за истиотсистем на игра – игра со двајца кружни напаѓачи. Предноста во овој сегмент од играта им припадна на хрватските ракометари.

За разлика од играчите на нашиот состав, Хрватите ги реализираа повеќето од позиционите напади, погодувајќи од изградени позиции. Во нашиот случај, најчесто,шутеви од изградени позиции беа одбранети од хрватскиот голман Шего.

Кога станува збор за транзицијата во играта, кога нападите на противникот главно завршуваа со успешна реализација, намалени се можностите за покажување на квалитет во тој дел – на индивидуален и колективен план.

Тактичко изненадување од наша страна требаше да биде игра во систем на зонската одбрана 5:1 од самиот почеток на натпреварoт. Позиционирањето на предниот играч во тој систем на одбрана во игра 6 против 6 како и 7 на 6 честопати ни претставуваше проблем. Противникот грешките ги казнуваше и кога го сменивме одбранбениот систем во 6:0. Со поддршката на Борко Ристовски направен е каков-таков резултатски приклучок во второто полувреме.

Противникот вечерва покажа повеќе во двата одбранбени системи кои ги презентираше. Во тактичката смисла, играчи од хрватската одбрана им дозволуваа на нашите играчи од предната линија, крилни играчи и пивотмени, да шутираат без непотребните прекршоци што резултираше овој натпревар да го завршимe без удар од седум метри.

Сè на сè голманските бравури на Шего, лидерството на Дувњак и луцидноста во креацијата на игра на Игор Карачиќ ги носеа Хрватите до конечниот успех на овој натпревар, натпревар којшто теба брзо да го заборавиме.

Пред македонската експедиција е анализа за стореното, но за она што допрва ги очекува – натпревар против европскиот првак Шпанија. Противникот кој што не е по нашата мерка но против кого може да се надигрува.

Она што е можеби пореално, како што беше претпоставувано пред одење на овој светски шампионат, борбата за втората фаза е натпреварот во последното коло против репрезентацијата на Исланд.

Со среќа!