Да се играше 30 минути: Еурофарм Работник ќе беше лидер, а Вардар на дното на табелата

Што би било, кога би било? Едно интересно прашање на кое секогаш и одговорот е доста интересен.

Во ситуацијата се екипите на Вардар и Еурофарм Работник. Прашањето е што би било доколку натпреварите се играа по 30 минути. Одговорот едноставен. Ќе беше сосема спротивно. Вардар ќе немаше ниту еден поен, а Еурофарм Работник сите шест и ќе беше лидер во својата група.

Актуелниот бранител на титулата во Лигата на шампионите, Вардар на сите средби сезонава имаше негатива на полувреме. Против Монпелје во првото коло губеше со 17:16. Му даде предност на шампионот од 2018 година и потоа во вториот дел се виде зошто Вардар е актуелен првак. Конечните 33:31 донесоа победа за Вардар.

Вториот меч на домашен терен против Порто исто така не почна најдобро. Гостите од Португалија водеа со 16:14, но потоа следуваше период во кој „црвено-црните“ доминираа и буквално го торпедираа голот на Порто, најчесто од својата половина. На крајот 32:27 за шампионот.

Денеска во Украина, Мотор Запорожје се чинеше дека и вторпат сезонава ќе ја има играта која ќе донесе победа, но откако на одмор беше 18:16 во вториот дел Вардар одигра на искуство и толку колку што треба за победа. Сепак, имаше и доволно среќа во завршницата за да се дојде до триумф на крајот од средбата од 31:30.

Кај Еурофарм Работник ситуацијата тотално спротивна. Битолчани тргнаа на домашен терен. Отворија одлично против екипата на Спортинг. Водеа со 16:15 на полувреме и се чинеше дека го имаат овој меч и ќе може да се одработи според планот. На крајот гостите победија со минимални 30:29.

Во Шведска беше уште посупериорно во првиот дел. Еурофарм Работник водеше 15:10 на крајот од првиот дел. Но потоа десет многу лоши минути во кои домашните наметнаа свој ритам и брзо дојдоа до израмнување. Потоа имаа контрола на играта, а битолчани успеаја само да намалат и вторпат да загубат со гол разлика. Савехоф победи со 25:24.

Денеска против Бидасоа Ирун одново. Феноменално прво полувреме. Предност од 14:11 и разлика која најави убав епилог. Меѓутоа во вториот дел одново. Водството загубено до 40 минута, а потоа постојано бркање резултат и на крајот пораз од еден разлика, 25:26.

На крајот Вардар има шест бода, а ниту едно прво полувреме во своја корист. Еурофарм Работник водеше на полувреме на сите средби досега, но на ниту еден од овие натпревари не дојде до бодови.