Данска го демолира Тунис

Едниот од домаќините на Мундијалот, Данска, по убедливата стартна победа над Чиле, ја забележа и втората победа. Нов убедлив триумф на четата на Николај Јакобсен, овојпат над Тунис со 36-22 пред полните трибини во Хернинг.

Отворија домашните со 7-0 по седум минути игра и веќе немаше дилеми која репрезентација ќе ги освои бодовите. До крајот на полувремето Данците направија уште поголема позитива од девет погодоци 19-10.

Во вториот дел односот на силите на теренот не се промени и домаќините само ја зголемуваа предноста до конечните 14 разлика, 36-22.

Најдобри стрелци кај Данска беа Хансен и Лауге со по седум погодоци, додека пет постигна Мортенсен, а голманите Грин и Ландин искомбинираа вкупно 18 интервенции. Кај Тунижаните се истакна Чуриеф со пет голови.