Данска гази сигурно кон полуфинале

Иако има уште две кола до крајот на Првиот дел од групната фаза на Европското првенство сосема извесно е дека Данска е една од трите најдобро подготвени репрезентации во моментов и може уште сега се прогласи како една од најсериозните кандидати за медал. Победата од 34:22 над Саудиска Арабија само го потврди овој факт.

Интересното од овој натпревар е тоа што и двете полувремиња завршија со идентичен резултат. И во првото и во второто полувреме репрезентацијата на Данска имаше 17:11 и без проблеми го реши новиот меч на Мундијалот во своја корист. Сите одработија според очекуваното, а ова беше можност за Јакобсен да види како функционираат и оние кои обично имаат помала минутажа.

Од стартот беше јасно кој победува и тука дилемата беше само разликата. Немаше преголемо форсирање туку се играше смирено и се целеше кон тоа мирно да се одработи средбата и да се зачуваат силите за новите дуели.

После 17:11 на одморот во вториот дел лесно се стигна и до двоцифрена позитива. Постојано водството се движеше околу десет гола, па на крајот само беше потврдено кој е кој во овој двобој.

Микел Хансен не се ни испоти, а постигна три гола бидејќи трипати влегуваше на терен за да шутира удари од седум метри. Најефикасен беше Магнус Ландин со седум гола, додека Захаријасен и Орис останаа зад него со по пет. Голманите Ландин и Грин немаа многу работа и заедно собраа десет одбрани, додека нивните колеги од Саудиска Арабија имаа седум. Во оваа репрезентација Мојтаба Алсалем беше најпрецизен и го заврши натпреварот со четири гола.