Данило Брестовац: Потајно се надевам на добар резултат против Спортинг

Вчерашниот пораз од екипата на Стеауа дојде во лош момент пред денешната пресметка против тимот на Спортинг во Лигата на шампионите и сосема извесно е дека Металург ќе мора да даде многу повеќе на овој дуел за да дојде до подобар резултат.

Гостите од Португалија ќе ја имаат улогата на фаворити на теренот, а тоа би требало да биде шансата за Металург бидејќи така нема да имаат дополнителен притисок.

„Не очекува дуел против добар противник во чии редови играат искусни ракометари кои зад себе имаат голема километража. Играта можеме да ја прочитаме, а дали со нашето искуство ќе можеме да им парираме на противниците ќе видиме. Поискусни се од нас. Ние уште се бараме. Многу важна е и ротацијата, а сега ја имаме со новите ракометари. Многу е важно и дека секој играч има улога во тие ротација и дека секој играч има свој придонес. Потајно се надевам на добар резултат и на победа“, изјави Брестовац на пресот за овој дуел.

Оваа средба се игра од 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“, а доаѓа нешто повеќе од 24 часа после натпреварот против Стеауа во СЕХА-лигата, кој се одигра вчера.