Данило Брестовац после Вардар: Ни недостигаат бек и пивот за поголема ротација

Новиот тренер на Металург, Данило Брестовац имаше огнено крштевање на клупата на тимот од Автокоманда против Вардар, а додека ги имаше концентрирани ракометарите успеваше да парира.

Металург имаше нерешен резултат до средината на второто полувреме кога Вардар почна да ја зголемува разликата.

„Честитки за Вардар. Имавме многу осцилации во нашата игра. Очекував да биде така. Ни недостигаа ротации на надворешната линија и на пивотменската позиција. Со нив би имале повеќе избор. Јас сум задоволен од она што го сработивме за овој краток период. Се корегиравме и поправавме во овој период. Треба време за момците да се навикнат на мојот стил на работа. Во овој момент ни недостигаат средби. Ова ни е трет меч, а за мене е прв бидејќи не ги сметам Супер купот во Струга и дуелот против Бутел каде беше само тренинг дуел. Вардар одигра десетина натпревари и се гледа дека нивната игра е на повисоко ниво. Честитки до Вардар. Сè беше навистина добро. Можам да кажам дека имаше периоди во кои париравме“, изјави Данило Брестовац.

Новиот предизвик ќе следува веќе следната недела кога Металург гостува кај Мешков Брест.