Давид Дејвис: Веспрем ми направи голема чест што ме избра мене

Новиот тренер на Веспрем, Давид Дејвис веќе почна со работа со ракометарите и тргна со кревањето на нивото на клубот кој под водство на Врањеш не го покажа она што сите го очекуваа. Сега претстои напорен период, но тренерот кој беше дел и од Вардар вели дека му причинува задоволство.

„Фактот што клубот ме избра мене ми причинува големо задоволство. Среќен сум сега кога конечно сум тука и дефинитивно се чувствувам одлично“, вели Дејвис во интервју за сајтот на Веспрем.

Тој ќе има голем предизвик како прв тренер на тимот од Унгарија и ќе има сериозна задача да донесе титули во Веспрем.

„Мојот прв натпревар како играч во Лигата на шампионите беше во оваа сала. Тогаш гостував со екипата на Сиудад Реал во старата сала, а тоа беше во 2005 година. Не можев да поверувам што се случува бидејќи имаше навистина голема врева. Навивачите беа толку гласни што не успевавме да го слушнеме судијата или советите од тренерот. Потоа од година во година постојано доаѓав овде. Овде има прекрасна публика која го поддржува тимот. Тука ни беше тешко и кога игравме со Вардар, секогаш беше навистина гласно“.

Тој коментира и за работите кои се потребни за да се дојде до титулата во ЛШ. Се потсети како стигна со Вардар до трофејот во 2017 година кога му беше помошник на Раул Гонзалес.

„Во денешно време е невозможно да кажете дека ќе ја освоите Лигата на шампионите. На таквите средби ви е потребна и среќа. Кога победивме со Вардар ние и двата меча ги добивме со по еден гол разлика. Секогаш ти треба малку среќа. Нема магична формула туку добри играчи и систем со кој се стигнува до Ф4“, вели Дејвис.

Првиот натпревар во Лигата на шампионите ќе го има против Монпелје в сабота, а првиот предизвик во Унгарија ќе му биде против Пик Сегед.