ГРК Борец се откажа од настапот во Супер машката лига

Супер машката лига се соочува со истите проблеми како и минатата сезона кога на неколку дена до почетокот остана со екипа помалку и мораше да се одигра сезоната со девет тима. ГРК Борец одржа прес-конференција на која ја информираше јавноста дека поради немање на доволно парични средства се повлекува од натпреварувањето и нема да игра во најсилната лига во новата сезона.

„Поради немање на средства за настап во Супер лигата, ГРК Борец излегува од ова натпреварување по заслуга на Советот на општина Велес и градоначалникот. Тие не даваат повеќе од 125 илјади денари месечно, а овие средства не се доволни за настап во најквалитетното натпреварување. Не се ниту 50 проценти од потребите. Штета што мораме да се преселиме во понизок ранг и тоа не според пласманот туку административно. Баравме помош секаде. Се обративме во поголем број на фирми, но никаде не добивме спонзорство. Секаде добивме негативен одговор “, изјави на пресот, извршниот директор на клубот, Ристо Велковски.

Ова значи дека лигата останува со девет екипи, а со оглед на тоа што веќе се ближи стартот на сезоната и има само десет дена до нејзиниот почеток неизвесно е дали ќе има доволно време за да се дозволи на некој од тимовите да влезе на тоа место.