„Го одбрав Металург бидејќи е расадник на млади ракометари“

Грузискиот репрезентативен централен бек Иракли Кбилашвили е најновото засилување на Металург. Младиот Грузиец, кој во Металург дојде од украинскиот тим Одеса, имал бројни понуди, но се реши да потпише за тимот од Автокоманда бидејќи смета дека Металург е најдобро место за развој на млади ракометари.

„Среќен сум што доаѓам во Металург и во земја во која ракометот е спорт број еден. Имав повеќе понуди за ангажман, но го одбрав Металург бидејќи важи за ракометен расадник во кој најмногу просперираат младите играчи и кој има долгогодишна традиција и квалитет. Се надевам дека со мојата игра и ангажман ќе придонесам за остварување на клупските амбиции“, вели Кбилашвили за сајтот на Металург.

Кбилашвили е шестото засилување на Металург, а претходно таборот на Металург го засилија младиот црногорски пикер Лука Вујовиќ, кој во Автокоманда дојде од редовите на црногорскиот првак Ловќен, потоа левото крило Милан Поповиќ, кој дојде од битолски Пелистер, искусниот Реваз Чантурија, кој минатата сезона ги бранеше боите на Пелистер и на Струга, а своевремено шест сезони беше дел од тимот од Автокоманда, хрватскиот лев бек Маријан Мариќ, кој во Металург пристигна од Зрињски од Мостар, како и чуварот на мрежата Даниел Ѓоргески, кој минатата сезона беше дел од Пелистер.