Готово е, си заминува и еден пивот од Вардар: Марсениќ три години во Фуксе Берлин

Пивотот на Вардар од Србија, Мијајло Марсениќ си заминува на крајот од сезоната и се сели во Бундес-лигата. Тој оди во тимот на Фуксе Берлин со кој има договор на три години.

300x250

Како што беше најавено, Марсениќ на крајот од оваа сезона ќе си замине, а одбра да игра во Германија во екипа која прави силен тим за следниот шампионат. Тој би требало да биде засилување и за нападот и за одбраната, а со своето искуство од настапите во Лигата на шампионите сигурно ќе значи многу за екипата од Берлин.

Марсениќ беше на листата на желби и во екипата на ПСЖ бидејќи Раул сакаше да го има во составот на тимот каде што ќе работи следната сезона. Сепак, самиот Марсениќ демантираше за 24 Ракомет ТВ дека има некакви контакти со тимот од Париз. Сега со Фуксе Берлин нема потреба од потврда или од демант бидејќи веќе е фотографиран со дресот на тимот од Германија и јасно е дека сè е веќе готово.

„Се работи за пикер каков што ни беше потребен во екипата. Тој доаѓа во нашиот клуб од екипа која е актуелен освојувач на Лигата на шампионите, а игра во двата правци. Има голем напредок и ќе биде од голема корист за нашата екипа“, велат од Берлин.

Од следното лето репрезентативецот на Србија ќе го облече дресот на тимот кој сака да влезе во битка за титулата во Бундес-лигата, а пред неколку недели во своите редови го донесе и Стипе Мандалиниќ од Загреб кој потпиша договор на три и пол години.

Со заминувањето на Марсениќ станува јасно дека Вардар останува со двајца пикери за следната сезона, а дали и кога Стоилов и Мораеш ќе добијат друштво останува да се види.