Горење ќе купува од Металург

Словенечкиот вицепрвак Горење Велење со ангажманот на Жељко Бабиќ на тренерската клупа, покажа дека за следната сезона има високи амбиции да го прекине долгогодишното владеење на Целје.

Во корист на ова, оди и фактот дека „осите“ сериозно се заинтересирани да го ангажираат десниот бек на Металург, Предраг Вејин, кој на полусезоната го засили македонскиот вицепрвак. Вејин има потпишано до крајот на сезоната, со опција за продолжување доколку двете страни се задоволни од соработката. Червар не ги користи многу неговите услуги на дуелите од плеј-офот, но сепак искуството на Вејин е од големо значење.

„Знам дека постои интерес од Горење, но се уште не размислувам за следната сезона. И пред доаѓањето во Металург имав комбинации и за во Бундес Лигата, но го одбрав македонскиот тим. Моментално сум посветен на Металург и не размислувам за друга опција.“ – изјави Вејин за 24ракомет.

Српскиот бек претходно беше дел од Ал Џазира во ОАЕ, а има настапувано за Данкерк и Адемар Леон.