Горење останува без еден од најдобрите во составот

Екипата на Горење загуби уште еден играч пред почетокот на новата сезона. Словенечкиот репрезентативец, Јан Гребенц го прифати договорот на Скјерн и ќе биде засилување за новата сезона. Од таборот на екипата од Велење се огласија дека ги договориле условите за трансферот со шампионот на Данска.

Јан Гребенц дојде во „Салешка долина“ претходната сезона и за првпат во кариерата настапуваше во Лигата на шампионите. Таму одигра четири натпревари и постигна 16 погодоци, но рано се повреди и долго отсуствуваше.

„Мило ни е што одличните партии на нашите момци не останале незабележани. Отсега па натаму можеме да го додадеме името на Јан Гребенц во листата на ракометари кои биле забележани од моќните и финансиски силни екипи додека настапувале во дресот на Горење. После добивањето на понудата од Скјерн се одлучивме да ја прифатиме“, вели спортскиот директор на тимот од Велење.

Скјерн го освои првенството на Данска во минатата сезона, а  авантурата во Лигата на шампионите ја заврши со пораз во четврт-финалето од Нант.