Гордана Нацева е задоволна: Клубот ја оствари примарната цел

Претседателот на Вардар, Гордана Нацева пред средбата со Турингер (петок, 19 часот) искажа пофални зборови за екипата и вели дека е задоволна што сите размислуваат позитивно и што и играчите и тренерскиот тим се свесни дека не смее да има опуштање.

„Женскиот тим на Вардар се движи кон она што го зацрта. Примарна цел ни беше првото место во оваа прва фаза од Лигата на шампионите. Клубот е задоволен што екипата многу доминантно ги одигра овие пет натпревари и очекуваме и во петок да победиме, па со тоа ќе го заокружиме она што ни беше планирано пред почетокот на сезоната. Драго ми е што и тренерот и капитенот зборуваат за сериозност. Навистина е така. Турингер нема да дојде тука да се предаде туку ќе игра со силно темпо во текот на сите 60 минути бидејќи никој не може да биде сигурен до недела кога играат Ларвик и ФТЦ. Сепак, за нас е најважна нашата игра, а верувам во играчите и во стручниот штаб дека се подготвени да го завршиме ова како што треба. Потоа ќе имаме доволно време да се подготвиме за втората фаза и да го оствариме она што ќе биде поставено како нова цел, а тоа е пласман на фајнл-фор натпреварувањето“, изјави Гордана Нацева.