Големо засилување за Радовиш: Мирко Мајиќ се враќа во Македонија

Македонскиот суперлигаш Радовиш попладнево ги договори деталите околу трансферот на левото крило Мирко Мајиќ. Црногорскиот интернационалец по њдна година пауза повторно ќе заигра во македонската Суперлига откако ги бранеше боите на Макс Струмица во сезоната 2015/2016.

Високото крило во Радовиш ќе пристигне од редовите на Борац Бања Лука каде што играше изминатава година, босанскиот првак не успеа да обезбеди пласман во СЕХА лигата па клубот ќе претрпи големи промени во новата сезона.

Мајиќ игра на позицијата лево крило, а во својата кариера има настапувано за екипите на Будуќност, Рудар, Сутјеска, Даниловград, Струмица и Борац Бања Лука. Македонската публика го запозна преку игрите за струмичките „рисови“, а во Македонија тогаш пристигна со титулата најдобар стрелец и играч во Црна Гора за сезоната 2014-2015.

Радовиш ги продолжи договорите со речиси сите ракометари од минатата сезона, тимот го напушти Стефан Чизмовиќ, а од септември тренерот на радовишани ќе може да смета и на услугите на десниот бек/крило Милан Левов чија суспензија ќе истече пред почетокот на новата сезона.