Големиот Вујо за историја: ИХФ ги номинираше најдобрите тренери на планетата

Интернационалната ракометна федерација, традиционално во февруари ги објавува имињата на најдобрите ракометари, ракометарки и тренери за изминатата година. Од овој список читателите и новинарите, ќе ги изберат најдобрите на планетата за 2016 година.

Во категоријата најдобар тренер на машки тим или репрезентација оваа година е номиниран црногорскиот стратег Веселин Вујовиќ, човекот кој ја понесе првата титула најдобар ракометар на планетата далечната 1988 година. Доколку актуелниот селектор на Словенија, успее повторно да победи ќе влезе во историјата на ракометот како единствениот кој се закитил со титулите најдобар ракометар и тренер во светот. По лошиот почеток на 2016 година кога Словенија прерано го заврши својот настап на Европското првенство, Вујовиќ на патот кон Олимпијадата во Рио успеа да ја елиминира Шпанија, а на Светското првенство 2017 освои бронзен медал. Вујовиќ минатата сезона беше тренер на ППД Загреб со кој се пласираше во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Покрај Вујовиќ во оваа категорија номинирани се уште Кристијан Берге актуелниот селектор на Норвешка, Дидие Динар селекторот на Франција, Гудмундур Гудмундсон селектор на Данска-освојувач на златен медал на Олимписките игри и поранешниот селектор на европскиот првак Германија Дагур Сигурдсон. Доколку сакате да учествувате во гласањето следете ги линковите на крајот од соопштението тука.

Досега ИХФ титулата најдобар тренер на светот ја понеле Клод Онеста (2009, 2010), Улрик Вилбек (2011), Валеро Ривера (2012), Љубомир Врањеш (2014), Дагур Сигурдсон (2015).

Кај дамите во изборот за најдобар тренер учествуваат Оливие Крумболц од репрезентацијата на Франција (сребрена на ОИ Рио), Торир Хергеирсон селектор на Норвешка, актуелен освојувач на Европскиот шампионат од Шведска 2016 година, легендарниот руски тренер Евгениј Трефилов кој ги изненади ракометните експерти и со релативно млада генерација ракометарки го освои златото на Олимписките игри во Рио, Хенк Гронер поранешниот селектор на Холандија како и поранешниот тренер на ЦСМ Букурешт, а сегашен селектор на Унгарија Ким Расмусен (освојувач на Лигата на шампиониките 2016).

Во годините наназад како најдобри тренери на планетата биле избрани Трефилов(2009), Крумболц (2010) и Торир Хергеирсон (2011,2012, 2015).