Големи измени пред СП 2021: Повеќе време за одмор, 18 играчи во ростер, 35 на поширок список…

На состанокот одржан во Гетеборг, ИХФ донесе неколку измени во правилата, кои стапуваат на сила на 1 јануари 2020 година. Пред сè измените се донесени во корист на играчите со што добиваат повеќе одмор и поширок ростер на Светските првенства.

Бројот на играчи кои ќе бидат на натпреварите се зголемува од 16 на 18. А поширокиот список наместо досегашните 28 играчи ќе биде со 35 ракометари. Исто така рокот на објавување на поширокиот список се зголемува од еден месец пред натпреварите на два месеци. За време на Светското првенство репрезентациите ќе имаат можност да направат пет измени, правило кое до сега овозможуваше три измени.

Покрај измените за бројот на играчи Советот на ИХФ одлучи да направи промени во времето за одмор на првенствата. Со новите правила секој тим ќе има еден ден одмор после секој натпревар. Терминот ден одмор е прецизно дефиниран. Доколку денот за одмор се поклопува со денот за преселба на репрезентацијата од еден град во друг и при тоа патувањето е повеќе од четири часа и 30 минути нема да се смета како слободен ден. Доколку има ваква ситуација репрезентацијата ќе добие уште еден ден за одмор.

За прв пат новите правила ќе бидат применети на Светското првенство 2021 година кое се игра во Египет.