Голема битка во Арена: Македонија има реми на одмор против Словенија

Македонија и Словенија одиграа борбено прво полувреме со многу прекршоци и малку голови, а после 30 минути нема предност за ниту еден од составите. Филип Талески беше играчот кој донесе нерешени 11:11 на полувремето, а карактерот којшто го покажа Македонија е за секоја почит.

300x250

Иако почетокот беше лош и Македонија имаше постојано негатива од два или три гола, во ниту еден момент немаше предавање. Постојано се одржуваше оваа разлика, а потоа во завршните пет минути од првото полувреме следуваше одлична игра на голот од Никола Митревски.

Неколку одбрани донесоа можност за да се дојде до враќање во игра, а Филип Талески стави печат на првото полувреме за 11:11 на одмор. Скок беше клучната фигура во Словенија откако успеа да запре многу удари особено на Дејан Манасков, но и покрај тоа другите најдоа начин да го совладаат, па Македонија остана со активен резултат после првото полувреме.

Кире Лазаров го прикажа она што и вообичаено се очекува од него на ваквите натпревари, но ја нема поддршката која што ја имаше на контролните средби. Од другите позиции има само по еден гол од неколку играчи така што ќе треба да се тргне похрабро во продолжението.

Инаку, Кире има пет гола и е најефикасен на средбата. Дејан Манасков има два гола, а по еден во првото полувреме постигнаа Стоилов, Прибак, Талески и Филип Лазаров.

Голманот Никола Митревски има седум одбрани, додека Борко Ристовски две што е 45 проценти успешност за едно полувреме.

Во вториот дел се ќе почне одново бидејќи нерешените 11:11 се знак дека следува уште посилна борба за првите бодови на ова првенство.