Гисласон после десет години ги напушта Кил и Бундес лигата

Тренерот на Кил, Алфред Гисласон објави дека си заминува од редовите на Кил на крајот од договорот и дека најверојатно тоа ќе му биде последната тренерска работа во Бундес лигата.

Јасно е дека Филип Јиха во следната сезона ќе се подготвува за тренер на Кил, па ќе има цела година да научи од својот ментор и поранешен тренер. Гисласон има договор до 2019 година и тогаш планира да се повлече од клупата на „зебрите“ каде е веќе десет години.

„До јуни во 2019 година сум на клупата на Кил. Потоа планирам одмор од Бундес лигата. Потребно ми е да направам одредена промена. Сигурно нема да работам како тренер во некој тим во Германија“, вели Гисласон.

Тој ги демантираше и вестите дека би можел да седне на клупата на Мелзунген што значи дека отпаѓа планот на овој клуб да го донесе Исланѓанецот за тренер.

Што се однесува до Гисласон, тој не ја отфрла можноста да остане во Кил, но во некоја сосема поинаква улога што значи дека би можел да биде советник на Јиха или некој од директорите во клубот.

„Можно е да останам во клубот бидејќи сум многу приврзан за него. Сепак, тогаш би имал некоја друга улога бидејќи тренер сигурно нема“, коментира Исланѓанецот кој е веќе две децении во Германија бидејќи пред да дојде во Кил работеше и во тимот на Магдебург и Гумерзбах.