Германците со посебни мотиви допатуваа во Хрватска!

На германската репрезентација покрај оној спортскиот, нема да и недостасува и финансиски мотив на престојното Европско првенство во Хрватска.

Имено ракометната федерација на Германија реши добро да го одврзе ќесето за што подобар пласман на своите пулени. Доколку успеат да ја одбранат европската титула “панцирите” ќе добијат по 250.000 евра, за сребрен медал ќе инкасираат 200.000 а доколку стигнат до бронзата ќе бидат наградени со 150.000 евра.

“На барање на ракометарите значително го зголемивме наградниот фонд, и тоа со право” изјави потпрецедателот на Германскиот ракометен сојуз Боб Ханинг.

Германската репрезентација и минатото Европско првенство беше наградена со слични средства, но тогашните премии вклучуваа и спонзорски средства.

“Сакаме да одиграме добар турнир. Едвај чекаме да почне. Концентрирани сме. Европското првенство во Полска покажа дека и со млад и амбициозен состав може да се стигне до титулата, што само ви дава дополнителна самодоверба и мотивација.Целта е високо поставена, но добро знам во што се впуштив. Знам дека има притисок, но сами си го создадовме бидејки секогаш бараме максимум од себе. Минимална цел ни е полуфиналето”- изјави Кристијан Прокоп, селектор на Германија.

Германија е еден од противниците на Македонија во групата Ц, а својот прв натпревар ќе го одигра на 13.јануари против Црна Гора.