Германците им покажаа сила и на „кариоките“

Репрезентацијата на Германија, стигна до втората победа на Светското првенство. Германците го надиграа и Бразил победувајќи го со 34:21 така што не дозволија ништо да се препушти на случајот и постојано беа во позитива. Во ниту еден момент Бразилците не можеа да парираат така што останаа без бодови и на вториот меч на првенството, но со многу повисок пораз.

Домаќините на овој Мундијал тргнаа во мечот полни со самодоверба. За само 15 минути го „нокаутираа“ противникот бидејќи успеаја да стигнат до водство од 9:2. Оваа предност беше зачувана до крајот на првото полувреме. Позитивата од седум гола остана и на одмор, кога Германија имаше 15:8.

Во вториот дел оваа разлика почна да расте, па Германците брзо стигнаа до двоцифрена позитива. Играа сигурно и доминираа на теренот, па покажаа дека се одлично мотивирани на овој шампионат да одат на максимум односно до крајот во обид да се изборат за финале.

Капитенот на репрезентацијата на Германија, Уве Генсхајмер покажа уште еднаш дека е на потребното ниво и со десет гола ги предводеше своите колеги во вториот триумф на Мундијалот. Со по четири гола Фет и Вајнхолд останаа далеку зад него, додека голманот Андреас Волф успеа да запре седум топки. Кај поразените голманите Теркариол и Алмеида одбранија по седум удари, а Толедо беше најпрецизен. Петпати погоди во мрежата на Германците.

Утре двете селекции ќе одморат, а в понеделник го имаат следниот натпревар. Германците од 18 часот играат против селекцијата на Русија, додека Бразил од 15:30 часот ќе ги одмери силите со Србија.