Германија сака да организира ЕП или СП секоја втора година!

Светското првенство во јануари беше успешно од економски аспект за германската ракометна федерација. Четири месеци по завршувањето на првенството познат е профитот на федерацијата од мундијалот, а тој изнесува околу три милиони евра. Целиот профит од првенството ќе се искористи за понатамошен развој на ракометот преку долгорочни и тековни проекти.

Ова е показател дека организацијата на големите настани во Германија е на одлично ниво а исто така и посетеноста. На натпреварите на Светското првенство кои се играа во Германија преку 550.000 гледачи ги следеле натпреварите, со што потполнетоста на салите била 98%. Исто така и ТВ куќите кои го пренесувале првенството достигнале фантастични рејтинзи со преку осум милиони гледачи. Сето ова е потврда на сè поголемата популарност на спортот во Германија.

Главна цел од долгорочната стратегија на федерацијата на Германија е организирање на други големи меѓународни настани. Германија ќе биде домаќин на Еуро 2024 година за мажи. Покрај тоа федерацијата е подготвена да се бори со Холандија за Светското првенство за жени во 2025 година и за машкиот мундијал во 2027 година. Исто така германската федерација е заинтересирана за организација на првенствата за категории до 18 и 20 години.