Германија рутински до победа и против Србија

Селекциите на Србија и Германија одиграа натпревар без резултатско значење во групата А, а на крајот се радуваа репрезентативите на домаќинот кои славеа со 31:23.

Германците со рутинирана игра лесно ја совладаа Србија која уште во претходните натпревари ги имаше изгубено сите шанси за пласман во главната фаза. Домаќинот на првенството имаше обезбеден пласман понатаму ,но, сепак, во натпреварот влезе максимално и до полувремето имаше предност 16:12.

Во второто полувреме падна нивото на игра на Србија и предноста на репрезентацијата на Германија се зголемуваше. Откако направија предност од десет голови, селекторот на Германија одлучи да ја испроба тактиката 7 на 6 во напад, но после неколку неуспешни напади и лесно примени голови брзо се врати на 6 на 6. Најефикасен играч кај Германците беше левото крило на Магдебург, Муше. Во репрезентациајта на Србија со шест гола најпрецизен беше Илич.

Во главната фаза Германија ќе игра во група со Хрватска, Шпанија и Исланд и со пренесени три бода од прелиминарната група ќе бидат еден од кандидатите за полуфинале. Србија ќе разигрува за пласман од 17. до 20. место.