Георгиески и Ролевски го засилија Прилеп

Екипата на Прилеп успеа да ги надмине проблемите со кои се соочи во вториот дел од минатата сезона и во новиот шампионат ќе влезе со подновен состав во кој ќе има неколку искусни ракометари, кои заедно со помладите во новата сезона ќе треба да донесат опстанок.

Новиот шампионат ќе биде битка за Прилеп за враќање на старите патеки, но за да се случи тоа ќе мора да се оди чекор по чекор. Најавите се дека во оваа сезона прво клубот ќе треба да се стабилизира, а потоа ќе може полека да се дојде до нивото на кое се навикнати прилепчани.

„Донесовме неколку засилувања. Во клубот дојде Филип Ролевски од Пролет, а го вративме и Пеце Георгиески од Охрид. Покрај тоа во екипата останаа и искусните Бозароски и Ангелески, додека во новата сезона ќе ги имаме и помладите Јорганџиев и Мачавелов“, вели спортскиот директор на Прилеп, Гоце Макалоски за 24 Ракомет.

Тој потврди дека екипата е подготвена за настапот на Меморијалнио турнир „Миле Нешкоски“ кој се одржува во Прилеп в петок и в сабота. Подготовките биле одработени во Дојран, па сега е време за контрола.

„Екипата ќе биде предводена од страна на Пеце Велјаноски, а негов помошник во новата сезона ќе биде Тони Димоски. Покрај тоа во раководството на клубот се вклучени и други поранешни играчи како Кристијан Илиоски, Дарко Вренцоски, Далибор Лукиќ…“, изјави Макалоски.

Инаку, в петок тимот на Прилеп од 18 часот треба да ги одмери силите со Струга во полуфиналето на турнирот.