Георгиевски за 24 Ракомет: Не размислуваме на друго, одиме на победа против Турција

Еден од поискусните ракометари во репрезентацијата на Македонија, Гоце Георгиевски очекува тешка средба против Турците и смета дека никако не смеат да се опуштат пред овој дуел. Турците знаат да бидат незгодни и тоа го покажаа досега, па иако Македонија има позитивен биланс, сепак, мора да се одработи на високо ниво.

Во моментов кај ракометарите во преден план е мечот против Турција и никој не размислува на тоа што би се случило доколку на последните две средби не бидат забележани две победи.

„Ние секогаш одиме на победа без разлика кој е противникот. Ние не размислуваме на друго. Нема да биде воопшто лесно. Не очекува тежок натпревар. Одигравме веќе средба во Битола и можам да кажам дека се работи за добар состав. Се виде и на дуелите кои го имаа против Грција каде што без главните играчи во тимот дојдоа до две лесни победи. Не останува простор за опуштање. Се виде на дуелот против Грција на кој се опуштивме што ни се случи. Затоа сега мораме да бидеме максимално мотивирани и да го сфатиме сериозно од првата минута бидејќи ова ќе биде тежок натпревар. Правиме видео анализи и имаме увид на некои нивни слаби делови од играта и мора да го одработиме она што е подготвено и да се обидеме да победиме. Има играчи кои влечат и повреди и сметам дека мора да се стиснат заби и оваа недела да ја одработиме на најдобар можен начин“, вели Георгиевски за 24 Ракомет.

Средбата против Турција денеска се игра во Ескишехир, а почетокот е од 18 часот.