Георгиевска на чекор од групната фаза во ЛШ

Квалификацискиот турнир за место во групната фаза во Лигата на шампионите во женска конкуренција, кој се игра во Копривница денеска може да донесе место за една репрезентативка на Македонија во главното натпреварување.

Елена Георгиевска заедно со Крајова денеска ќе игра во финалето против Подравка во мечот кој почнува од 18 часот. Само победникот ќе има место во најсилното натпреварување.

Вчера во полуфиналето Георгиевска постигна еден гол за тимот на СЦМ Крајова во победата над Зорк Јагодина од 31:18. Подравка во второто полуфинале исто така беше убедлива против Муратпаша со 35:22.

Доколку Крајова успее да ја совлада Подравка тогаш ќе има „македонска група“ во Лигата на шампионите бидејќи Георгиевска и колешките ќе обезбедат пласман во групата каде се веќе тимовите на Ѓер, Турингер и Крим. Добро е познато дека во Турингер потпиша Јована Саздовска, додека за Крим во новата сезона ќе игра Сара Ристовска.