Вујовиќ се враќа: Железничар е новиот предизвик за легендарниот тренeр на Вардар

Екипата на Железничар од Ниш во новата сезона ќе дебитира во СЕХА лигата, а на тие натпревари ќе има нов тренер и тоа стратег кој е одлично познат на овие простори. Наместо во Полска како што се најавуваше тој доаѓа во Србија.

300x250

Како што дознава 24Ракомет на клупата во новата сезона на местото на Јосиф Петковиќ, ќе седне актуелниот селектор на Словенија, Веселин Вујовиќ. Тој ќе има задача да го предводи клубот кој најавува силна сезона и битка за што подобар пласман. Железничар во последното коло ја загуби титулата во Србија, но е најголемото изненадување во првенството, бидејќи влезе со вајлд карта и стигна до триумф во Купот и постојано беше лидер.

За Вујо ова е враќање во Србија после долга пауза откако беше селектор на оваа земја пред да дојде во Вардар. Со ова поранешниот тренер на „црвено-црните“ и миленикот на навивачите, ќе биде многу близу до Скопје и повторно ќе гостува во Скопје на средбите од СЕХА.

Се очекува наскоро да биде промовиран од страна на Железничар, а тоа воедно значи дека и амбициите на клубот се зголемуваат. Клубот од Ниш во новата сезона секако ќе сака и да ја освои титулата во првенството на Србија која избега во последното коло, а Вујовиќ треба да биде тренерот кој ќе донесе можност за нејзино освојување.

Неговите резултати се добро познати. Со Вардар имаше неколку добри сезони во кои освојуваше трофеи во првенството, а победи и во првата сезона од СЕХА лигата. Како селектор на Словенија стигна до 3. место на Светското првенство во 2017 година.