Вујовиќ повеќе не е тренер на Копер

Екипата на Копер се раздели со тренерот и е во потрага по нов кормилар за следната сезона. Стратегот кој го предводеше клубот во последната сезона доби одврзани раце бидејќи дојде до разделба откако во последната сезона не беа остварени резултатите кои беа посакувани.

Оваа вест дојде на денот кога Словенија го игра реванш мечот од баражот за Мундијалот во Данска и во Германија и гостува кај составот на Унгарија. Селекцијата на Унгарија има предност од пет гола од првиот меч, па ова е голем удар за Вујо.

Од Копер беше објавено соопштение во кое стои дека разделбата била во заеднички договор.

„По едногодишна соработа спогодбено го раскинавме договорот со нашиот тренер, Веселин Вујовиќ. Минатата сезона ја оценуваме позитивно. Имаше многу променлива форма, а таа беше резултат на неколку негативни работи. Тука мора да се напомене дека во февруари имавме проблеми и со повредени играчи, па и тие придонесоа за неколкуте порази. Горди сме на тоа што соработувавме со Вујовиќ бидејќи и играчите и раководството многу научија од него. Сепак, заедно заклучивме дека во моментов е најдобро и за тренерот и за екипата да ја завршиме соработката“, стои во соопштението од Копер.

Пред неколку дена се појави вест дека Вујовиќ може да се најде на клупата на Висла Плоцк, а ова значи дека тоа лесно може да се оствари бидејќи сега е слободен да си побара нов ангажман. Останува да се види дали останува и на кормилото на Словенија особено ако се знае дека репрезентацијата е пред елиминација.