Вујовиќ и Червар кандидати за тренерското столче на ППД Загреб

Старите добри ривали Веселин Вујовиќ и Лино Червар влегуваат во комбинација за нов тренер на кормилото на хрватскиот шампион ППД Загреб.

Откако проструи информацијата дека актуелниот тренер Златан Сарачевиќ ќе замине на крајот на сезоната, се погласни се шпекулациите и желбите на хрватскиот првак за тоа кој да седне на најпосакуваното тренерско столче во Хрватска.

Покрај Жељко Бабиќ за кого информиравме дека е еден од кандидатите за преземање на ППД Загреб,  сега во игра влегуваат и двајцата поранешни тренери на “плинарите” и ривали во тренерските води, Веселин Вујовиќ и Лино Червар.

Според тврдењата на “Вечерњи” сите тренери се во игра за преземање на тренерското место во ППД Загреб.

Бабиќ има важечки договор со Горење, но информациите од Словенија говорат дека овој тим е пред распаѓање. Веселин Вујовиќ е омилен лик во Загреб, а неговото претходно заминување беше поврзувано со играњето на некои стари ракометари кои повеќе нема да настапуваат, па можно е негово враќање бидејќи сака да работи со млади ракометари. Лино Червар е секогаш меѓу актулените кандидати за преземање на кормилото на ППД Загреб. Хрватскиот селектор е слободен и секогаш желен за ракометен ангажман.

Како најголем проблем за заминувањето на Сарачевиќ се спомнува тоа што актуелниот тренер на ППД Загреб нема А лиценца,  а без неа нити еден тренер нема да може да седне на клупата. Истото важи и за потенцијалниот помошник тренер во Загреб, Тончи Валчиќ. Гореспоменатите ја имаат лиценцата па многу веројатно изборот ќе падне на некој од овие тројца тренери.