Вујовиќ: Вардар ќе биде доминантен уште една сезона, а потоа го очекува судбината како женската екипа

Веселин Вујовиќ е еден од најомилените ликови помеѓу вардаровите навивачи, а во пресрет на Фајнл-фор турнирот во Келн легендарниот Вујо даде своја прогноза како ќе се одвиваат работите на завршниот турнир.

300x250

Вујовиќ смета дека Вардар и оваа година ќе успее да ја освои Лигата на шампионите и со тоа ќе влезе во историјата на ракометот како единствена екипа која во новиот формат успеала да ја одбрани шампионската титула, што секако претсавува големо признание. Сепак во своето понатамошно излагање, Вујовиќ не му предвидува светла иднина на својот поранешен клуб, сметајќи дека сопственикот Сергеј Самсоненко ќе се повлече од клубот, по што и машкиот тим на Вардар ќе ја доживее судбината на женската екипа.

“„Мислам дека по сето тоа што Вардар го покажува, може да биде еден од ретките тимови кои успеале да ја одбранат титулата првак на Европа. Тоа е многу тежок подвиг, натпреварувањето е напорно, има тешки мечеви, долго трае, ама по мое мислење Вардар има малку полесна ситуација против Монпелје, кој пред неколку дена загуби од Сент Рафаел во француската лига. Имаа шанса да станат шампиони, да го детронизираат ПСЖ, но кикснаа и ја загубија титулата. Затоа и сега психолошката предност е на страна на Вардар. Од друга страна Нант го победуваше ПСЖ сезонава, но на ова ниво мислам дека нема да имаат шанси. Прогнозирам финале Вардар – ПСЖ, но иако сум лош прогнозер типувам на тоа дека Вардар ќе ја одбрани титулата. Им давам предност затоа што и минатата година победија, а беа аутсајдери“,-вели Вујовиќ.

Вујовиќ не смета дека последната година на кормилото на Вардар на Раул Гонзалез и Давид Дејвис може да биде некоја предност и дополнителна мотивација за црвено-црните.

“Не верувам дека тоа може да им биде дополнителна мотивација, а се покажа слично и со женската екипа. Мислам дека поголема предност ќе беше ако останеа и по оваа сезона, дека веруват во проектот на клубот. Вака мислам дека мотивацијата и емоциите нема да бидат на највисоко ниво. Мене ми е интересно дека Раул Гонзалес и Давид Дејвис си заминаа веднаш штом добија поголема финансиска понуда. Мене тоа не ми се допаѓа, ама таков е пазарот“.

Според Вујовиќ ,Вардар ќе биде доминантен уште една сезона а потоа Самсоненко ќе го направи истото што го направи и со женската екипа.

“Мислам дека Вардар ќе биде доминантен уште една сезона и потоа Сергеј Самсоненко ќе направи нешто што го стори и со женската екипа. Кога тоа ќе се случи, мислам дека долго ќе се начекаме да видиме нов европски првак од регионов. Екипи како Загреб или Целје се добри, ама не може да бидат конкуренција на далеку посериозни европски клубови – и по организација и по сè друго“, заврши Вујовиќ во интервјуто за босански „Спорт Спорт“.