Време е за нови возбудувања: Литванија е првиот тест за можностите на кадетите на Македонија

Момците кои селекторот Данило Брестовац ги поведе во Грузија од денеска стартуваат со предизвикот наречен ЕХФ-шампионат и ќе мораат да влезат силно во натпреварувањето.

Македонија првиот меч го има против Литванија и тоа ќе биде испитот за можностите на оваа генерација. Секако дека ќе мора да се одигра на секој меч во групата со максимум од силите и ќе мора да има голема борба, но првиот натпревар е секогаш важно како ќе биде отворен.

Средбата против Литванија е показател за шампионатот, па затоа ќе биде важно да се влезе максимално во неа. Се работи за селекција во која исто така ќе има по некој ракометар од оние кои играа и во Скопје на младинскиот ЕХФ-шампионат, но и Македонија има свои адути.

Меѓу играчите се капитенот Мартин Серафимов, голманот Марко Кизиќ и десното крило Ненад Костески. Тоа се тројцата кои летово веќе освоија медал од ЕХФ-шампионат, па имаат можност да се борат за уште еден.

Овој дуел кој почнува од 13 часот ќе биде најава, а утре во истото време силите ќе бидат одмерени против селекцијата на Луксембург.