Во РФМ немаат добиено известување, Борец уште е суперлигаш

Раководството на Борец вчера на прес-конференција најави откажување од натпреварите во Супер лигата. Сепак, до Ракометната федерација на Македонија нема упатено никакво соопштение, па во моментов нема никакви промени.

Во РФМ до денеска немаат добиено ништо од Борец и за најавите дека клубот ќе се повлече од Супер лигата знаат само преку информациите од медиумите. Според тоа кај нив нема промена на ситуацијата и Борец и понатаму е член на Супер машката лига.

Сепак, јасно е дека клубот ќе мора да се изјасни деновиве што и како планира и дека нема да се дозволи ситуација каква што се случи лани кога Младост се откажа пред самиот старт на сезоната и ја остави Супер лигат со девет екипи. Со оглед на тоа што годинава и Супер лигата и Првата лига стартуваат во исто време може да се очекува да дојде до пополнување на бројката односно до замена на места.

Засега сè си останува исто и списокот на суперлигашите е оној кој беше и за време на ждрепката за стартните броеви за новата сезона.