Во Романија првпат игравме како Македонија, дали денеска…

Историјата на репрезентацијата на Македонија почна пред повеќе од две децении и тоа во Романија каде своето прво учество ракометарите го имаа на Трофеј „Карпати“. Македонија беше поразена од Романците со 22:24, а тоа беше првиот настап за некоја репрезентација во ракомет под името Македонија.

300x250

Во моменти кога во земјата има ситуација околу новото име, момците кои се македонски херои веќе неколку години вечерва ќе имаат огромна битка за бранење на националниот грб. Македонија мора да го добие овој дуел за да покаже дека нејзините херои се вечни и дека секогаш знаеле да го дадат максимумот.

Имало неколку дуели во кои силите биле одмерени на натпревари на Трофеј „Карпати“, но двата единствени кои беа официјални се одиграни во 1997 година. Тогаш Македонија славеше во Скопје со 35:22 и тогаш најави пласман на Европското првенство. На реваншот Романците победија со седум гола разлика 32:25, но тоа беше и повеќе од доволно за Македонија да обезбеди прв пласман на ЕП.

Затоа, Романија секогаш сме ја паметеле по добро. Сепак, се поставува прашањето дали селекцијата против која го одигравме првиот меч под името Македонија ќе биде можеби и последната. Тоа е повеќе политичка тема, но дефинитивно ракометарите (и спортистите севкупно) имаат свое место во целата работа и секако и нив треба некој да ги праша како тие размислуваат кога се работи за националниот дрес.