Во Неготино се комплетира Супер лигата

Кој ќе биде тимот што ќе го комплетира списокот на екипи кои во следната сезона ќе се натпреваруваат во Супер машката лига ќе стане познато денеска откако од 13 часот во Неготино ќе се соочат составите на Прилеп и Работнички.

Составот на Прилеп влезе во баражот откако финишираше на претпоследната позиција во плеј-аут групата од Супер машката лига. Прилепчани имаа проблеми во текот на сезоната и се соочија со проблеми, па на крајот од сезоната не можеа до повеќе.

Работнички, пак, бараж обезбеди откако ја загуби битката за првото место во плеј-офот од Првата машка лига. Таму Металург 2 успеа да дојде до првото место и се најде во суперлигашка конкуренција. Ракометарите на Работнички мораа до последното коло да се борат за 2. место, а до него стигнаа откако успеаја како гости да го совладаат составот на Јуниор Кисела вода.

Оттаму дојде до денешниот дуел меѓу Прилеп и Работнички и сосема извесно е дека ова ќе биде возбудлив натпревар.

За Работнички е јасно дека во својот состав има и интернационалци и дека играчите кои се бореа во текот на целата сезона ќе бидат и на терен денеска. Меѓутоа неизвесно е што ќе се случи со Прилеп. Овој тим почна со искусен состав, но потоа поради финансиски проблеми сезоната ја продолжи главно со кадетски тим и со некои од младинците.

Тоа значи дека денеска ќе се знае и колку ќе биде возбудлив овој натпревар и колку ќе биде интересно на средбата која ќе биде одиграна во Неготино.