Во „Кале“ како некогаш – пак ќе се игра европски ракомет!

Некогашната ракометна тврдина „Кале“ во оваа сезона не само што ќе биде домаќин на суперлигашки ракомет, туку ќе биде и на европски.

Иако неодамна беше најавено дека СРЦ „Кале“ ќе биде храм на кошарката, сепак и понатаму ќе се игра ракомет.

Покрај суперлигашот Работнички, кој своите домашни натпревари ги игра во „Кале“, во оваа сала во која порано гостувале Хипо, Виборг, Ѓер, Ференцварош, Кил, Барселона, Загреб, Адемар Леон и многу други великани, ќе се игра и натпревар од ЕХФ Купот.

Станува збор за првиот меч од второто коло од ова натпреварување меѓу нашиот претставник Бутел Скопје и украинскиот ЗТР Запорожје. Тој меч е закажан за 5 октомври со почеток во 18:30 часот.