Владимир Паноски: Лошите услови за тренинг си го направија своето

Викендов екипата на Стружанка во Скопје не успеа да ги совлада своите ривалки од екипата на Вардар и загуби со резултат 27:25. Покрај тоа што загубија, гостинките имаа и позитивни моменти во играта, кои за жал не ги искористија.

Тренерот на Стружанка, Владимир Паноски, вели дека лошата среќа и послабата физичка подготвеност биле главните причини за поразот.

„Одличен натпревар во кој победи посреќната екипа. Имавме осцилации во играта и на моменти успевавме да се доближиме до противникот,па повторно да покажеме послаба игра во која противникот на два пати се одвои на пет разлика. Во првиот дел се носевме, но во вториот дел физичката спремност си го направи своето“, изјави Паноски за 24 Ракомет.

Стратегот на струшкииот состав исто така ги нагласи и лошите услови за тренинг како една од причините за падот во играта кој Стружанка го доживеа, но најави дека тимот ќе се поправи за во наредните натпревари.

„Потребно е да продолжиме со работа и покрај тоа што тешки ни се условите во Струга бидејќи имаме проблеми со салата, 60 минути за тренинг кои ги добиваме се премалку за една сениорска екипа. Половина час е потребен за играчите да се загреат добро, а после да го работиме другото. Условите се многу тешки, но девојките го дадоа својот максимум“.

Екипата на Стружанка можноста за враќање во победнички ритам ќе ја има во наредното коло против Куманово на свој терен.