Владимир Максимов: Во клучните моменти судиите беа наклонети кон Металург

Чеховски медведи си заминуваат од Скопје со минимален пораз од 24:25, а ова е прв натпревар во кој Металург дојде до победа во Лигата на шампионите. Гостите од Русија му честитаа на Металург за победата, но во исто време тренерот најде алиби во судиите од Белорусија.

„Последните минути од натпреварот донесоа многу борбена игра. Во клучните моменти не реализиравме многу ситуации еден на еден, а покрај тоа и Даниловски имаше неколку добри одбрани. Сепак, имаше и неколку судиски одлуки кои не беа во наша корист во последните неколку минути од средбата. Тоа што за нас беше две минути, не беше кај Металург. Воедно и она што за Металург беше седум метри за нас не беше судено“, изјави тренерот Максимов на прес-конференцијата после натпреварот.

Како претставник на ракометарите беше Тимофеј Маслеников, кој беше најефикасен во Чеховски медведи со седум погодоци.

„Одигравме многу лошо во првото полувреме. Не ги искористивме нашите шанси во нападот, се боревме, но Металург имаше повеќе среќа од нас“, коментираше Маслеников.