Висла Плоцк не отстапува од походот по Келце, донесе уште две засилувања

Вицешампионот на Полска продолжува да го составува ростерот на екипата за наредната сезона во обид да ја прекине доминацијата на Келце во шампионатот. Според „Спортове факти“, во Плоцк пристигнуваат две нови засилувања кои ќе бидат претставени како нови играчи во текот на денешниот ден.

Швеѓанецот Филип Стенмалм пристугнува од францускиот Екс ан Прованс, а Унгарецот Золтан Сита од Балатонфуреди. Трансферите на двајцата ракометари се веќе одобрени од управата на Висла Плоцк и само се очекува нивно официјално потврдување.

Стенмалм пред неколку недели ги помина лекарските прегледи во Плоцк, иако клубот беше загрижен за состојбата со неговото рамо. Сепак Полјаците одлучија да склучат договор со шведскиот ракометар.

Золтан Сита имаше добра сезона во Балатонфуреди и во ЕХФ купот на шест натпревари 21-годишниот унгарски репрезентативец постигна 29 гола, па раководните луѓе на Висла Плоцк го забележаа и го донесоа во нивниот клуб.

Покрај овие двајца ракометари досега потврдени се голманот Иван Стевановиќ од Кадетен, пикерот на Загреб – Леон Шушња, како и шпанските интернационалци Нико Миндегиа од Шамбери и Алваро Руиз од Тулуз.