Висла Плоцк ангажираше уште едно засилување

Веб страната на Висла Плоцк го објави трансферот на Хрватот, Јерко Матулиќ. 29-годишниот десен крилен ракометар потпиша договор со Висла до 15 декември, а доаѓа од Азоти Пулави.

„Трансферот на Матулиќ е диктиран од повредата на Михал Дашек кој се очекува да се врати на терените во ноември. Останувањето со еден играч на десно крило е многу ризично. Најдовме опција во Матулиќ. Ова е последното засилување за наредната сезона“, изјави претседателот на клубот Роберт Швартак.

„Јерко дефинитивно ќе игра кај нас до 15 декември. Понатамошната соработка зависи од два фактора, спортски и финансиски. Ќе видиме како ќе се надополнува со Матеуш Гуралски и дали можеме да се договориме за продолжување на договорот“, рече Адам Вишњевски спортски директор на клубот.

Матулиќ претходно во кариерата има настапувано за Загреб, Шамбери, Нант и Азоти Пулави.